Русија и Кина во Советот за безбедност на Обединетите нации ставија вето на предлог резолуцијата со која се предвидува достава на хуманитарна помош од Турција и Ирак во Сирија.

Како што пренесуваат светските агенции, резолуцијата, предложена од Белгија, Кувајт и Германија, предвидува доставување помош во наредните 12 месеци преку два пункта во Турција и еден во Ирак. Меѓутоа, Русија беше подготвена да одобри два премина во Турција на шест месеци и предложи своја резолуција.

За првиот предлог гласаа 13 од 15 членки на Советот за безбедност, а за рускиот пет, додека против беа шест, а воздржани четири.

Потребни се девет гласови за Советот да донесе резолуција, притоа ниту една од петте постојани членки – САД, Русија, Кина, Франција и Велика Британија да не стави вето.

Американската амбасадорка Кели Крафт по гласањето изјави дека е во шок и оцени дека последиците ќе бидат ужасни. За ветото што го ставија Русија и Кина рече дека е „несовесно, неодговорно и сурово“.

Помошникот на шефот на ОН за хуманитарна помош Урсула Милер изјави во Советот дека без прекуграничните операции ќе има целосен прекин на испораката на помош за милиони цивили во Сирија.

– Ова ќе предизвика брзо зголемување на гладот и болестите, што ќе доведе до зголемување на смртните случаи, страдања и ново раселување на цивили, вклучително и преку границите, рече Милер.

Важноста на актуелната резолуција со која се дозволува да се испорачува помош преку четири премини во Турција, Ирак и Јордан истекува на 10 јануари, така што се оценува дека сè уште може да се постигне договор.