Во организација на Советот за регионална соработка (РЦЦ) денеска во албанскиот град Драч ќе се одржи второто свечено доделување на грантови во рамки на проектот за развој и промоција на туризмот во земјите од Западен Балкан.
Со проектот за развој и промоција на туризмот, кој е финансиран од Европската унија, а имплементиран од страна на РЦЦ, се овозможува консолидација и диверсификација на културната и авантуристичката туристичка понуда во шесте економии од Западен Балкан – Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Со него, исто така, се поттикнува развој на заедничките регионални туристички рути и производи, подобрување на инфраструктурата и квалитетот на услугите на тие туристички рути и глобално, како и промовирање на заедничката регионална туристичка понуда.
Седум од дванаесет грантови кои ќе бидат доделени во првиот циклус ќе се користат за развој и промоција на нови регионални културни рути и производи, вклучително и римски археолошки локалитети, споменици на Втората светска војна, утврдувања и културно наследство на главните градови. Останатите пет ќе придонесат за понатамошен развој и промоција на постоечките авантуристички туристички патишта (Виа Динарика) и развој на нови производи, вклучувајќи и регионална патека за јавање.