Во врска со негата на папокот на бебето, многу педијатри повеќе не ја препорачуваат практиката тој да се чисти со алкохол, бидејќи тоа може да го одолжи заздравувањето. Но, папочето мора да се чисти. Следат неколку стручни совети за тоа…
Пред сѐ, мијте ги рацете пред да го допрете папокот на бебето. Тој треба да се чисти барем еднаш на ден (а може и почесто). Користете стапче за уши натопено во изладена претходно зовриена вода. Исушете го местото со ново, суво стапче. Не користете памучна волна.
Папокот не треба да се покрива. Лепете ги пелените така што да не го допираат папокот. Треба постојано да се внимава дали има знаци на инфекција.
Што не треба да се прави?
Како што лекарите нагласуваат, особено е важно никогаш да не се обидувате да го откинете јазолот. Тоа треба да падне природно и само од себе.
Не ставајте масло, лосиони, или пудра во прав на или околу папокот.
Јазолот паѓа во периодот од првата до третата недела, но тој процес може и да потрае, што е сосем нормално. Може да се појави мало крварење, но и тоа е нормално, ако е малку.
Медицинска помош се бара доколку: папокот е екстремно црвен, односно се појавило воспаление; ако има оток; папокот крвари и не се смирува; се појавил непријатен мирис; се забележува дека тоа место е болно за бебето; и ако малечкото има треска.