Неколку дена пред излегувањето на Русија од Европската конвенција за човекови права, Советот на Европа изрази жалење што Москва „се изолира уште повеќе од демократскиот свет“, јави дописникот на МИА.
Европската конвенција за човекови права, која ги штити основните слободи, е текст што ги обврзува 46-те членки на Советот на Европа, чие почитување го следи Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), основан во Стразбур. Неколку дена по почетокот на рускиот напад во Украина, Москва одлучи да го напушти Советот на Европа непосредно пред да биде исклучена од паневропската организација на 16 март. Доколку Русија одлучи повеќе да не ги применува пресудите на ЕСЧП од овој датум, таа останува официјално обврзана со конвенцијата во период од шест месеци, односно до 16 септември, датумот на кој ќе престане да биде „договорна страна на Конвенција“.
Судот во Стразбур сепак останува надлежен да ги суди барањата поднесени за потенцијални прекршувања на човековите права што се случиле до петок.
„Советот на Европа ќе продолжи да прави сè што е можно за да се осигура дека правдата е задоволена и инволвираните ќе одговараат за своите постапки“, инсистираше Марија Пејчиновиќ Буриќ, потсетувајќи на „правната обврска“ на Русија да ги применува пресудите на ЕСЧП за дела што се случија до 16 септември.
„Советот на Европа ќе продолжи да ги поддржува и да се ангажира со бранителите на човековите права, демократските сили, слободните медиуми и независното граѓанско општество во Руската Федерација“, вети генералниот секретар на организацијата, надевајќи се дека „еден ден руските граѓани повторно ќе можат да имаат корист од заштитата на Европската конвенција за човекови права“.