Поради немањето кворум Советот на јавни обвинители на денешната седница не донесе одлука за избор на пет нови јавни обвинители за Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Претседателот на Советот, Антонио Јолевски нова седница закажа за следниот четврток и посочи дека сите членови биле запознаени за денешната седница. Од актуелните членови отсустуваа Љубомир Јовески, Иџет Мемети и Љупчо Ивановски.
Членовите на Советот на оваа седница констатираа дека состојбата во основните јавни обвинителства е лоша. Според потребната систематизација во Основното јавно обвинителство Тетово е предвидено да работат десет обвинители, а во моментов во ова обвинителство работат двајца јавни обвинители. Лоша состојба исто така е утврдена и во Крива Паланка, каде обвинители од ОЈО Куманово ги покриват настаните од овој регион.