Огромно незадоволство во Советот на СОНК, во 11 точки, преточени во констатации и заклучоци. Советот констатира дека доколку до крајот на месецов не бидат исполнети нивните барања за усогласување на платите во основно и средно образование ќе ги активираат како што велат најрадикалните синдикални мерки.
„Советот на СОНК го прифати барањето на Кабинетот на претседателот на Владата за дополнителен период за преговори од една недела , односно до крајот на месец септември. Доколку и по овој период не се излезе со позитивно решение за членовите на СОНК, односно за вработените во основно и средно образование, Советот на СОНК ќе донесе Одлука за понатамошни синдикални активности, не исклучувајќи ги и најрадикалните.“ – пишува во заклучоците на Советот на СОНК.
Имам целосно разбирање за барањата, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска и додава дека платите ќе бидат покачени во моментот кога за тоа ќе се создадат услови.
„Се надевам дека наставниците ќе имаат разбирање во корист на учениците и државата, а платите на наставниците секако ќе се зголемуваат во првиот момент кога оваа држава ќе има можност за тоа.“ – вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Советот на СОНК заклучува дека треба веднаш да започнат преговорите за склучување на нови колективни договори во основното, средното и воското образование и стите што поскоро да завршат.
„Советот на СОНК констатира дека премногу долго траат преговорите помеѓу СОНК и МОН, односно Владата и сметаат дека час поскоро треба да завршат со прифатливо решение за двете страни, како би можело усогласувањето на платите да започне со септемвриската плата“ – пишува во заклучоците на Советот на СОНК.
Министерката Јаневска го повика Советот на СОНК на заедничко изнаѓање на најдоброто решение но и ги потсетува СОНК да ги погледнат наталожените долгови кои го оптеретиле и буџетот на МОН но и на државата.
„Ставот на Министерството за образование и наука е дека ние сме секогаш отворени за разговори и преговори со социјалните партнери, се разбира и со СОНК и дека правиме се што е можно во овој момент според буџетските можности на државата. Од тука продолжуваме да дискутираме и да изнаоѓаме некакви решенија. Меѓутоа јас, како одговорна организација, го замолувам СОНК а и сите негови членови буџетот е јавен да ги видат долговите на МОН кои изнесуваат 5 милијарди не по наша вина, а и долгот на целата држава кој исто така не по наша вина е направен.“ – вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Во заклучоците на Советот на СОНК е наведено и тоа дека и покрај тврдите изјави на високи владини функционери дека Буџетот на Република Македонија е празен, Советот на СОНК не ги прифаќа изјавите на министерката за образование и наука и претседателот на Владата дека во моментов нема пари за усогласување на платите на вработените во основно и средно образование за 2024 година.