Советот за човекови права на Обединетите нации денеска гласаше за назначување специјален известувач за истрага на ситуацијата со човековите права во Русија.
За резолуцијата гласаа 17 земји, шест беа против, а 24 земји се изјаснија како воздржани.
„Овој чекор требаше да се случи одамна. Русија долго време ги гази човековите права дома. Сега жртвите на кршење на човековите права, невладините организации и руската опозиција конечно можат повторно да имаат глас“, изјави германската амбасадорка во ОН, Катарина Сташ.
Повеќе од 25 западни земји ја претставија резолуцијата, изразувајќи загриженост поради произволните апсења, притисокот врз граѓанските групи, нефер судењата, ограничувањата на слободата на изразување и собирање и заплашувањето на новинарите, адвокатите и опозициските групи. Тие ја повикаа Русија да ги гарантира основните човекови права.
Боливија, Кина, Еритреја, Казахстан, Куба и Венецуела гласаа против резолуцијата.
Русија не е членка на Советот, кој моментално го сочинуваат 47 земји назначени на три години од Генералното собрание на ОН.