Социјалистичка партија на Македонија
Социјалистичката партија на Македонија жестоко реагира на самовилието на општинските власти во Тетово.
Наместо да се посветат на подобрување на условите за нормално функционирање, барем во централното градско подрачје или на заштита на објектите кои имат длабоко историско значење за сите граѓани од сите етнички заедници во Тетово, сведоци сме на форсирање на возобновување на објект кој нема значење за вистинските потреби на граѓаните.
Социјалистичката партија на Македонија не ја заборави грубата изјава на тетовскиот градоначалник дека “хероите партизани се дел од темното минато”. Тој деновиве преку општинските власти дополнително излегува со неиздржано историско толкување за оправданоста на изградбата на предметната “саат кула”. Или претходно со агресивната намера за менување на име на планински топоним, со крупна историска тежина и многу пошироко познат отколку што е неговиот скромен видокруг.
Од повеќе граѓани на Тетово до Социјалистичката партија на Македонија е изразено чувството дека со своето однесување токму градоначалникот е лицето од “темната сегашност” во општината. Неговата должност е да ги решава комуналните проблеми, но не и да толкува историски периоди за кои ниту е компетентен, ниту е дораснат, а најмалку е повикан.
Нему секако му е познат начинот на кој е реизбран за градоначалник, па токму затоа доколку не го корегира својот однос и став кон ова прашање, повеќе нема да смета на нашето разбирање, најмалку на нашата поддршка. Затоа што во Македонија никој нема право да гази врз народноослободителната војна и жртвите на македонскиот народ и да се однесува спротивно на законот.




