Фудбалската репрезентација на Србија дојде со големи амбиции во Катар, меѓутоа ги заврши настапите во групната фаза откако го загуби клучниот дуел против Швајцарија (2-3) во рамки на третата рунда.
„Орлите“ влегоа на се или ништо, а натпреварот во Катар беше вистински атомски дуел кој понуди огномет од голови, но потоа во последните дваесетина минути беше вистинска приспивна песна.
Уште од стартот на натпреварот се даде до знаење дека се очекува ефикасен меч, затоа што Швајцарците двапати се заканија во 40-тата секунда преку Емболо и Џака, но голманот Вања Милинковиќ-Савиќ одбрани одлично. Се играше 11-тата минута кога Андрија Живковиќ ја погоди стативата од голот на Швајцарија, амдевет минути подоцна падна првиот гол на кој автор беше Џердан Шаќири.
На Србија ѝ беа потребни само девет минути да направи целосен пресврт. Ударното дуо Александар Митровиќ и Душан Влаховиќ постигна два гола, посебно добар беше оној на Митровиќ кој по којзнае кој пат покажа неверојатен гол-инстикт со глава (2-1). Сепак, радоста не траеше долго, затоа што пред паузата Емболо изедначи на 2-2. На стартот на вториот дел Рубен Варгас го пронајде Ремо Фројлер и тој донесе нов пресврт, овој пат за Швајцарците (2-3).
По овој гол, играта спласна во целост. Се играше повеќе на половината на Србите, Швајцарците притискаа за четврти гол, но не го најдоа патот до мрежата. Пикси се обиде да го освежи тимот со Гудељ, Јовиќ, Ѓуриќиќ, па и Радоњиќ, но тие не донесоа многу и немаше прилики за израмнување.
Швајцарија така продолжува во наредната фаза како второпласирана, заедно со лидерот Бразил. Србија и Камерун, кој го победи со Бразил во последната рунда (1-0), си одат дома. Ова е вторпат како Швајцарците ги исфрлаат Србите од мундијалите, по оној натпревар во 2018 година во Русија.