Спасена Димитровска од делчевското село Илиово денеска го прослави својот 100-ти роденден и со тоа се вброи во една од ретките жени кои дочекале живот долг еден век.

Нејзините најблиски велат дека баба Спасена е родена на 12 март 1920 година во село Киселица, Лисичарско Маало. Има пет внуци и шест правнуци кои раскажуваат дека водењето здрав начин на живот е најголемата тајна на нејзината долговечност.

– На лекар оди ретко, водела здрав живот каков што воделе постарите наши претци на овие простори. Работатата во село и здравата храна ја одржувала, а сега претежно консумира лесна храна, велат најблиските на баба Спасена.

Иако најголем дел од животот го поминала во село Киселица, денес живее во градот Делчево со потесното семејство кое денеска ја изненади со роденденска торта.

Димитровска заедно со Пракса Златкова од село Дулица која има 102 години и Дедо Цане од Борилчево се едни од најстарите жители во Источниот регион кои доживеале живот еден век.

МИА