Во свое име и во име на сите вработени во МВР, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот ФБ профил, на сите наши сограѓани од ромска етничка припадност во Република  Македонија им го честита Светскиот ден на Ромите.

Спасовски упати, како што пишува, јасна и недвосмислена порака дека Република Северна Македонија е наша заедничка татковина, која почива на темелите на почитување на човековите права, на соживот и толеранција, на мултикултурното и мултиетничко општество.

– Колку повеќе љубов и разбирање негуваме меѓусебно, толку повеќе докажуваме дека го почитуваме аманетот на нашите предци и ја преземаме одговорноста да ја развиваме врз поставените темели, за нас и за идните поколенија. Конечно, реалното богатство или квалитет на едно општество, всушност, се сите негови граѓани. Уверен сум дека имаме доволно и знаење и умење, но и што е особено важно – волја – во овој поглед да продолжиме со воспоставување стандарди и критериуми, што на сите граѓани ќе им овозможат подеднакви услови во нивната потрага за себеостварување, за лични и професионални перспективи, напиша на ФБ министерот Спасовски.

Да продолжиме со реализирање на драстични позитивни акции, вели министерот за вантрешни работи, отворајќи го системот и општеството за сите наши граѓани, вклучително и нашите сограѓани Роми во остварувањето и уживањето на со законите загарантираните права.

– Ако сакаме силна држава ќе подадеме рака на секого!, објави на неговиот ФБ Спасовски.