Исламската верска заедница да ја преспита својата одлука за отворање на верските објекти, а исто така и МПЦ да се однесува сериозно, апелира премиерот Оливер Спасовски.

-Во однос на отворањето на џамиите односно носењето на  одлуката на ИВЗ јас го кажав мојот став за сите верски заедници  дека тие треба да ги почитуваат одлуките што ги носи Владата и нема организација дали е тоа верска, дали  е политичка, дали е поединец кој не треба да ги почитува  одлуките. Заради тоа што овие одлуки  не се од политичка причина, ова се одлуки што значат заштита на животот  и здравјето на граѓаните. Апелирам да си ја преиспитаат сопствената одлука  во делот на отворањето на верските објекти, меѓутоа исто така укажувам и МПЦ  да се однесува сериозно заради тоа што  направи низа на пропусти во  изминатиот период, изјави Оливер Спасовски во одговор на новинарско прашање.

Наспроти него, за главниот координатор на кризните штабови на општините и заменик премиер Бујар Османи ваквите зборови се изгледа „обичен ветер“ па при посетата на Тетово истакна дека со раководството на Исламската верска заедница разговарале за спроведување на мерките за запштита на верниците по одлуката да се дозволи посета на џамиите за молитви од 12 мај.

-Тие одлуката ја имаат донесено врз основа на новите бројките што се во опаѓање и поради фактот дека некои земји во регионот и пошироко во светот носат одлуки да се отворат верските објекти. Разговаравме вчера за подготвување сет на мерки што треба да се имплементираат. Тие се спремни сите мерки кои ние ќе ги дадеме во смисла на одржување на доволна дистанца и одредени мерки за лична заштита, верниците да ги почитуваат при извршување на верските обреди, рече Османи.

На новинарско прашање дали државата може да донесе одлука да го забрани користењето на верските објекти како што тоа го направи со објектите во угостителството и туризмот, Османи одговори дека Уставот не го дозволувал тоа.

-Ние имаме генерална одлука за спречување на собир и на групирање, уредба со законска сила но немаме уставно право да се мешаме во одлуките на верските заедници, истакна вицепремиерот Османи.