Вицепремиерот и министер за внатрешни работи и иден мандатар за техничката Влада, Оливер Спасовски начелно нема проблеми со предложените технички министри од страна на опозицијата, со исклучок на техничкиот министер за внатрешни работи за кој смета дека ќе придонесе за милитаризација на МВР.

-Како иден мандатар мислам дека еден од главните принципи е да го почитуваме Уставот и во тој поглед воопшто немаме дилема дека тоа треба да биде пред се и над се. Второ, кога размислуваме за овој кандидат размислуваме и за милитаризацијата на МВР, а тоа воопшто не е потребно во демократска држава и демократско општество, рече Спасовски во одговор на прашање по денешното промовирање на единицита на интервентната полиција.

Тој нагласи дека на сите им е познато што значеше милитаризацијата на МВР на времето со доаѓањето на Горан Грујовски и дека тоа потсетува на, како што рече, огромното закочување на човековите права и слободи.

-Не сакам да прејудицирам и да зборувам за човекот било што друго, рече Спасовски.

За другите предлози од опозицијата, нагласи, дека начелно нема проблем со тие кандадати за министри.

-Начелно немам проблем во однос на овие кандидати за министри, меѓутоа тоа ќе го кажам во моментот кога ќе се добие составот. Време има скогаш и апсолутно може да се успее со изборот на техничка влада. Имаме искрени и чесни намери да се одржат изборите на 12 април, потенцира Спасовски.