Техничкиот премиер, Оливер Спасовски придружен од претставници на институциите, го посети местото, каде што се случи пожар во семејните куќи во Шуто Оризари, во кој загинаа две малолетни деца.

„Изразувам длабоко сочувство до семејството, градоначалникот и граѓаните на Шуто Оризари, за големата трагедија што се случи. Заедно со претставници на Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика излеговме веднаш на терен. Ќе обезбедиме сé што е потребно како првична помош, итно сместување и финансиска помош“, рече Спасовски за време на посетата на местото на несреќата.

Тој најави дека со градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш ќе разговараат за определување финансиски средства заедно со локалната самоуправа за да се помогне подобрување на инфраструктурата во општината.

„Ваквите настани треба да ни бидат поука за во иднина, да направиме сé што е потребно за да не ни се случуваат вакви трагични настани“, додаде Спасовски, кој изрази сочувство за загинатите деца во пожарот во Шуто Оризари.