Носителот на листа на СДСМ во ИЕ2 Оливер Спасовски синоќа пред граѓаните во тетовското село Сараќино порача дека концептот Едно општество за сите е иднината на државата, а не обновен режим и национализам.
-Денес е слобода и ние се грижиме за сите подеднакво. Граѓаните се сигурни со овој концепт. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се грижат само за себе, личните и партиските интереси и тие се опасност. Само политичари кои се грижат за сите граѓани може да донесат добро на оваа држава, рече Спасовски.
Тој најави дека водечки концепт и во следниот мандат останува враќањето на парите кај граѓаните.
-Вложуваме во идината и сигурноста на сите категории граѓани. Во следните четири години ќе отвориме 80 отсто од поглавјата во ЕУ, а за пет-шест ќе го затвориме преговарачкиот процес. Од европските фондови обезбедуваме 2,5 милијарди евра за државата. Тоа се повеќе пари за справување со здравствената ситуација, за новата развојна економија, за поголема социјална помош, за канализации, патишта, водоводи. Тоа се европски пари за европски стандарди дома и опцијата за 15 јули е јасна, рече тој.
Според него, СДСМ и коалицијата „Можеме“ нуди луѓе кои земјата ја изнесоа на прав пат,а како што посочи, ВМРО-ДПМНЕ ги нуди луѓето на Груевски, Мицкоски, Мисајловски, кои нудат обнова на режимот и тие мора да одат во опозиција да се обноват одвнатре исто како и ДУИ кои излегоа со национализам зашто немаат што да им понудат на граѓаните.
Тој рече дека гласањето на 15 јули ќе биде со целосна заштита.
-Се носи голема одлука. Ако не излеземе на изборите, тоа е глас за Груевски, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, за обновен режим наместо сигурна иднина, за закани по слободата, за бели палати и мермер, а не за парите кај граѓаните, за меѓународна изолација наместо членство во НАТО и ЕУ. Гласот за ДУИ е глас за ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ е сигурност, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се опасност, рече Спасовски.