Препораките кои се од стручни луѓе од епидемиолозите е дека лицата кои доаѓаат од странство треба да останат во државен карантин 14 дена, меѓутоа треба дополнително да бидат во самоизолација во домашни услови уште 14 дена од едноставна причина – заради тоа што биле во колективни центри за државен карантин.
Ова е одговорот од премиерот Оливер Спасовски на новинарско прашање зошто е препораката за граѓаните кои доаѓаат од странство покрај државниот карантин од 14 дена, да останат во изолација дополнителни 14 дена кога ќе се вратат дома.
– Одлуката на Владата за државниот карантин е една од најисправните одлуки во справувањето заради тоа што на тој начин придонесуваме да се прекине ширењерто на вирусот и не ги ставаме во ризик ниту оние луѓе кои допатувале од ризични држави, ниту граѓаните што се наоѓаат во нашата земја. Затоа се определија центрите за државен карантин, појасни премиерот Спасовски.
Министерот за здравство Венко Филипче на прашањето дали е доведено во прашање функционирањето на Инфективното одделение во Штип, рече дека тамошниот случај потекнува од пациентка од која првиот брис е со негативен наод, а се позитивизира неколку дена потоа.
– Добро е што луѓето кои се во самоизолација досега немаат пројавено симптоми и целосно е надополнета работата на одделението во Штип прво со ротација на осум медицински сестри од останатите оддели и со докторка што доаѓа од болницата во Струмица, рече Филипче.
Во однос на третманот на пациентите со инфективни болести, според министерот Филипче, тоа е практично третман идентичен со пациент што лежи на интерно одделение, а сите во болницата имаат соодветна заштитна опрема.
– Во светот, за жал и кај нас имаме заразени здравствени работници, тие имаат непосреден контакт со пацинетите и изложени се на најголемиот ризик, но во смисла на организација на одделението, исто како што е сега примерот во Куманово, исто како што е се постапи и во болницата во Дебар и исто како што сега се прави ротација на кадарот на Инфективната клиника, а во периодот што следи и во болницата „8 Септември“, пред се во одделенијата за интензивна нега постои рапоред според кој ротираат лекарите под контрола на двајца координатори, што тоа го прават на национално ниво имајќи го предвид искуството на кадарот, системот на едукација низ кој поминуваат за да работат согласно препораките на СЗО со пациенти што се дијагностицирани со коронавирусот практично од сите ЈЗО, појасни министерот за здравство Филипче на денешната прес-конференција.