Најтешкиот дел овие две години беше да се направат многу компромиси, но цврсто да гледаме во иднината. За многу скоро време Северна Македонија ќе биде 30-та членка на НАТО и ќе ги затвориме сите дилеми за иднината на државата. Едно од очекувањата беше и почеток на преговори со ЕУ. Направивме се што требаше да направиме, и во реформите и сите услови ги исполнивме, што беше потврдено од сите членки на Европскиот совет. Имаме право да бидеме разочарани што не добивме датум за преговори, но и да бидеме горди дека тоа не е поради нас, тоа е заради состојбите во ЕУ. Се надевам дека наскоро таа историска грешка ќе биде исправена. Тоа го истакна потпретседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Оливер Спасовски на отворената трибина одржана вечерва во Охрид во рамки на партискиот караван „На прав пат“.
Тој нагласи дека еден од клучните приоритетити на Владата овие две и пол години бил како да се стабилизира државата, како да се врати нејзиниот углед во меѓународната заедница, како да се направи исчекор напред во остварувањето на националните интереси преку евроатлантските интеграции.
– Направивме се за да се помириме со соседите, преку тие процеси покажавме дека имаме капацитет да разговараме, да се договориме и да носиме решенија, нагласи Спасовски.
На трибината беше истакнато дека 12 април е денот кога граѓаните ќе можат да донесат одлука, дали ќе продолжат да чекорат по патот што го трасираше СДСМ кој е прав пат или секако ќе се враќаат назад по патот што води кон обнова на еден режим, црно минато на цензура, на неслобода на медиуми и се она на што сведочевме пред само две и пол години.
– Едниот пат води силно напред, храбро, достоинствено да ја гради Македонија напред во европска држава, и другиот кој води назад, патот на обновата на криминалот, корупцијата на сите ретроградни процеси во земјата. И заради тој пат што го минавме 12 години, токму заради тој пат беше срушен системот и овие две и пол години мораше да има напорна, макотрпна работа, многу труд да го вратиме системот да функцинира, рече Спасовски, нагласувајќи дека токму затоа се организираат ваквите трибини, како што рече, за да нагласи разликата меѓу актуелната власт предводена од СДСМ и онаа власт до 2017 година.
Тој се осврна и на повеќето од клучните реформи спроведени од владеењето, од укинувањето на радиодифузната такса, враќањето на евтината тарифа, решавање на проблемот со стечајните работници со последните законски измени, проекти во областа на социјалната политика и намалување на сиромаштијата, проекти во областа на земјоделството, враќање на слободата на медиумите, мислата, говорот.
Свои обраќања пред граѓаните на Охрид и партиските симпатизери во Центарот за култура „Григор Прличев“ имаа и потпретседателката на СДСМ, Мила Царовска и градоначалникот Константин Георгиески.