Меѓу главните приоритети на МВР во делот на миграцијата е продлабочување и одржување на меѓународната соработка со земјите од регионот, со земјите на транзит и со земјите на потекло, со агенциите на ЕУ и други релевантни меѓународни организации, како и преку активно учество во бројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на предавањето во австриското МВР во Виена на тема „Миграциски токови и значењето на потпишаниот договор со ФРОНТЕКС за безбедноста на европските граници”.
Како што соопшти МВР, предавањето на Спасовски, одржано на покана на австрискиот сојузен министер за внатрешни работи Герхард Карнер пред присутните австриски колеги, имаше за цел споделување најновите информации со кои располага нашето Министерство, а се однесуваат на современите миграциски текови.
Спасовски зборуваше за јасно идентификуваните цели, средства и инструменти во стратешките планови на МВР, за зајакнување на соработката со земјите во регионот и со Европската унија во целина, но и за развивање на механизмите предвидени во неодамна потпишаниот договор со ФРОНТЕКС, кој го потпиша со еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон на 26 октомври оваа година во Скопје.
Во обраќањето Спасовски сподели и статистички податоци во делот на криумчарење мигранти и илегално преминување на границите.
– Во првите десет месеци од годината бележиме двојно повеќе обиди и двојно повеќе кривични дела поврзани со криумчарење мигранти во однос на истиот период лани. Имено, заклучно со 31 октомври оваа година, забележани се 83 случаи на криумчарење мигранти, што е двојно повеќе отколку во истиот период во 2021 година, кога се забележани 44 случаи. Дури 78 случаи биле откриени од полициските службеници распоредени за обезбедување на јужната граница, односно кон Република Грција, рече Спасовски.
Тој посочи дека мигрантите најчесто доаѓаат од Пакистан, Сирија и Индија и дека во истиот период се регистрирани 72 кривични дела, против 97 лица, од кои 29 странски државјани, за кои се преземени мерки на кривичен прогон.
– Бележиме еднаков тренд на бројот на обиди за илегално преминување на државната граница. До 31 октомври 2022 година забележани се приближно 17000 обиди за илегален влез во нашата држава, што е речиси ист број како и за истиот период претходната година. Повеќе од 15000 обиди, односно малку помалку од 90% од сите обиди за илегално преминување на државната граница, се забележени на јужната граница, рече Спасовски.
Во однос на полициското постапување во делот на криумчарење на мигранти, Спасовски истакна дека истото е насочено кон размена на информации за осомничени лица или организирани криминални групи кои вршат криумчарење, размена на информации за рути, превозници и превозни средства користени од страна на криумчарите, за злоупотреба на патни документи и за средствата и методите за сокривање и транспорт на лица, потоа врски и размена на законодавни искуства и практики, како и мерки за спречување и борба против криумчарењето мигранти.
Според него, полициското постапување опфаќа и споделување научно-технолошки информации корисни за органите за спроведување на законот со цел зголемување на капацитетот за спречување, откривање и истражување на криумчарењето мигранти и јакнење на соработката помеѓу агенциите за погранична контрола, меѓу другото, преку воспоставување и одржување директни канали на комуникација.
Заокружувајќи го своето предавање, Спасовски ја спомена важноста од постоењето на Меѓународната заедничка операција која од декември 2015 година наваму непрекинато се спроведува на јужната граница на земјава во која учествуваат странски полициски службеници од 8 европски држави – Чешка, Полска, Унгарија, Словачка, Австрија, Словенија, Хрватска и Србија, поддржана од Европската комисија преку имплементација на проект на Меѓународната организација за миграција во рамки на Специјалната мерка IV.
– Подготвени сме да ги ставиме сите наши капацитети за размена на искуства, за креирање на планови и стратегии за борба против прекуграничниот транснационален организиран криминал, свесни за придобивките кои може да ги оствариме и ние како држава, но и сите земји членки на Европската унија. Само со заеднички сили и здружени во идеите на демократските вредности кои ги споделуваме во Европа, ќе успееме да одговориме на сериозните предизвици со кои секојдневно се соочуваме и да овозможиме мир, безбедност, развој и просперитет на европскиот континент, потенцира Спасовски, кој предавањето го одржа во рамки на неговата посета на Австрија.