Турските екипи за спасување работеа под нулата температури во текот на ноќта и извлекоа 45 луѓе од урнатите згради, соопштија властите, а бројот на загинати во силниот земјотрес на истокот на земјата се искачи на 35 лица.

Телевизиските мрежи објавија видео на кое се гледаат 45-годишна жена и нејзината ќерка, спасени под урнатините 28 часа по земјотрес со јачина од 6,8 степени, кој ја погоди провинцијата Елазиг околу 21 часот во петокот.

Спасувачите со голи раце и машини продолжуваат да копаат во потрага по преживеаните на три локации во покраината, соопшти Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби АФАД.

Таа додаде дека во земјотресот, проследен со 700 потреси, 31 лица загинале во Елазиг и четворица во соседната провинција Малатиј. Повредени се повеќе од 1600 луѓе.

АФАД ги предупредува луѓето да не се враќаат во оштетените домови, поради ризикот од рушење.

Експертите откриле дека 645 згради биле тешко оштетени и дека 76 згради се срушиле во двете провинции.

Во солидарност со жртвите, претседателот Реџеп Таип Ердоган пристигна во Елазиг во населбата Мустафа Паса, каде се урнаа две станбени згради. Ердоган вети дека државата ќе стори „сè што е во нејзина моќ“ за да им помогне на жителите, пренесува Франс прес.

Министерот за здравство Фахретин Коца рече дека 128 лица биле однесени во болници, од кои 34 биле во одделот за интензивна нега, но не се во критична состојба.

Турција лежи во најсеизмички активен дел на светот, така што земјотресите се вообичаени.

Во 1999 година, повеќе од 17.000 луѓе загинаа во земјотрес со јачина од 7,4 степени во северозападниот дел на земјата, вклучително илјадници во Истанбул.

Експертите веруваат дека е можен голем земјотрес во секое време во Истанбул, економски центар на земјата, со повеќе од 15 милиони жители, каде станбените згради, честопати непланирани, ретко ги исполнуваат антисеизмичките стандарди.