На Кипар вчера беа потврдени само пет нови случаи на Ковид-19 од 1.669 анализирани примероци, а завчера само шест од 1.803 направени тестови, со што вкупниот број на заразени, заклучно со синоќа е 772 лица, додека пак веќе една седмица не е регистриран нов смртен случај, јави дописничката на МИА од Атина.
Трендот на опаѓање се забележува од вторникот, кога беа регистрирани 33 случаи, а во следните денови постепено се намалуваа бројот на нови заразени на 20, 15, 11, за вчера и завчера да достигнат до шест, односно пет нови позитивни случаи.
Излечени се 83 лица, починаа 12, а активни се 672 случаи.
Во однос на жртвите, на Кипар спроведува процес на кодирање на вистинската причина за смртта со помош на софтверскиот систем за лицата заразени со коронавирусот, за да се разграничи дали Ковид-19 е главната причина или пак претходните здравствени проблеми.
Досега, починале 17 лица кои биле позитивни на коронавирусот, но кај 12 лица, Ковид-19 била причината за смртта. Последниот смртен случај е на 13 април 2020 година.
Кипар е меѓу земјите со голем број анализирани примероци за Ковид-19. Спроведени се вкупно 35.756, а според податоците на Центарот за истражување и иновации „КИОС“ на кипарскиот Универзитет, Кипар е меѓу првите три земји во ЕУ по бројот на тестови на 100.000 жители.
Прв е Луксембург со 5.561 анализиран примерок, Малта со 5.153, а потоа следи Кипар со 4.082 тестови. Грција, е на 23-то место со само 506 примероци на 100.000 жители.