– Македонец, македонски народ, македонска националност, македонска душа, македонска свест, македонски борец, македонска интелигенција, македонска земја – напишал меѓудругото доктор Славчо Ковачев во 1924 година во весникот “Независна Македонија” во Софија, и веднаш беше убиен од терористите на Ванчо Михајлов.

Блаже Миневски

“Доктор Владислав (Славчо) Ковачев е роден во Скопје на петти јануари 1875 година. Беше убиен од наемни убијци на 13 септември 1924 година во Софија. Беше градски судија, резервен потполковник, носител на три ордени за храброст; беше голем борец за слободата на Македонија, Илинденец. Од сопругата Сија”, пишува на споменикот во Централните софиски гробишта.  По наредба на Ванчо Михајлов, беше застрелан од простиот и глуп штипјанец Мирчо Кикиритков, само затоа што во софискиот весник “Независна Македонија”, меќудругото напиша: ”Македонец македонски народ, македонска националност, македонска свест, македонска душа, македонски борец, македонска интелигенција, македонска земја…”

Беше убиен на 49-годишна возраст пред својата куќа и пред очите на своите две ќеркички Маргарита и Златка. Атентатот е извршен сред бел ден на улицата “Цар Борис”, спроти романската црква во Софија.

Според искажувањето на Бојка Дудрова-Ковачева, внука од најстарата ќерка на Славчо Ковачев, дедо и Славчо се враќал дома за ручек, кога убиецот му пукал во грбот од неколку метри. Мајка и на Бојка, Евгенија-Гени Ковачева, најстарата негова ќерка, во тоа време била на студии во Париз. Дома биле само баба и, и двете помали ќерки, Златка и Маргарита. Кога го виделе од прозорецот, двете истрчале да го пречекаат. Убиецот токму тогаш дотрчал од соседната уличка и му пукал во грбот. Славчо паднал на плочите пред своите две ќеркички. Тие писнале и се фрлиле врз него. Убиецот неколку мига стоел со пиштол вперен во нив, а потоа побегнал. Подоцна на судењето изјавил дека мислел да ги убие и нив, но се премислил во последен момент. Според она што и го кажувала мајка и, но и двете тетки, кои го виделе убиството, Славчо бил убиен затоа што на Ванчо Михајлов не му се допаѓало тоа што тој го пишувал во весниците. Во последниот свој текст објавен пред убиството во весникот “Независна Македонија”, тој, меѓудругото, пишувал за македонскиот политички идеал: ”Слободна и независна Македонија.“

При распитот во процесот пред софискиот суд, кој бил чиста фарса, атентаторот Кикиритков, признал дека цели четири часа чекал Славчо да си дојде дома на ручек:

”На вратата излегоа да го пречекаат неговите две ќерки. Едната од нив викна -тате! Тој се сврте и со раширени раце тргна за да ја прегрне. Тоа го издаде. Веќе бев сигурен дека тоа е Славчо Ковачев. Застанав зад неговиот грб и стрелав трипати. Јас не знаев во што се состои вината на убиениот од мене Ковачев, но верував  во справедливоста на решенијата издавани од Организацијата… Ако ми наредеа да ги убијам и децата, ќе ги убиев и нив”, изјавил убиецот.

Во тоа време сите наредби за атентати, ги издавал Ванчо Михајлов. Извршителот на убиството, Кикиритков, наредбодавецот Михајлов и убиениот Славчо се штипјани. Со тоа што Славчо бил интелектуалец, доктор на науки со докторат од Брисел, револуционер и хуманист, кој постојано и јавно ги осудувал меѓусебните убиства во македонското ослободително дело. Тој во својата книга “Политичкото вјерују на Македонците” пишува дека само со “сплотеноста и обединувањето на сите расположиви сили ќе се реализира идеалот за слободна и независна  Македонија’, рекла во 2004 година Бојка Дудрова-Ковачева, внука од најстарата ќерка на Славчо Ковачев. Со неа Блаже Миневски разговарал токму на местото каде што е убиен нејзиниот дедо, каде што до пред извесно време стоела спомен-плочата за тој настан.

‘Кога е убиен дедо ми Славчо, мајка ми имала 19 години, и веќе била студент во Париз. Нејзината сестра Маргарита (Грета) имала 14, а најмалата Златка само 9 години. Мајка ми за убиството на својот татко дознала неколку месеци подоцна. Никогаш не можеше да си прости што не била на погребот. Таа ми кажуваше дека во нивната куќа и кога се јадело се зборувало за Македонија. Мајка ми велеше дека еднаш кога татко и кажувал нешто за Македонија, таа и Грета, како договорени, во ист глас му рекле: ”Татко, ти ја сакаш Македонија повеќе од нас!” Тој им рекол дека кога вели Македонија, тогаш мисли и на нив. Баба ми Сија, неговата сопруга, му била голема поддршка. Таа го подржувала во се што работел. Била актерка во театарот на Војдан Чернодрински, па и самата на некој начин учествувала во “македонското дело”. Дедо ми Славчо и таа се запознале токму на една од изведбите на “Македонска крвава свадба”. Во спомените на Чернодрински е опишана сцената кога дедо ми Славчо, за време на претстава бил предизвикан да му удри шлаканица и да ги исфрли од салата познатиот насилник и терорист Хаљо, убиецот на бугарскиот политичар Стефан Стамболов, кој им попречувал на актерите да ја играат “Македонска крвава свадба”. Можеби токму поради таа шлаканица баба ми Сија се заљубила во дедо ми Славчо, раскажувала внука му Бојка Дудрова-Ковачева.

Славчо Ковачев има завршено воено училиште во Софија, каде што се запознал со Гоце Делчев. Како млад потпоручник се вклучува во македонското ослободително движење, а во 1902 година заминал во Македонија со четата на Христо Чернопеев. За време на Илинденското востание, како штипски војвода, активно учествува во борбените дејства во кратовско заедно со четата на Атанас Бабата. По задушувањето на востанието, извесно време бил скопски војвода. По Првата светска војна, тој веќе е адвокат, а потоа новинар, публицист и судија на Софискиот суд. Заедно со левицата на македонското движење се вклучува во политичкиот живот на македонската емиграција, залагајќи се за обединување на сите струи во македонското револуционерно движење.

Во спомените за својот татко, мајка и на Бојка, Гени Ковачева, на едно место има запишано:

”Татко  ми беше многу енергичен, етичен и културен човек. Добро ја познаваше европската историја. Многу читаше; имаше богата ерудиција. Исто така, тој беше и многу добар оратор, со пламено срце. Како човек беше извонредно чесен, но истовремено и многу храбар, многу доблесен – не трпеше лага и секогаш отворено се бореше со своето перо, искажувајќи ги смело своите мисли. Пишуваше отворено, искрено за македонското ослободително дело и за неопходноста од морално-етички норми на секоја власт. Само тој и Димо Хаџи-Димов, кој беше убиен во истиот ден со него, имаа храброст во тоа време да напишат дека “апсолутно е забрането секакво присоединување на Македонија кон која било соседна балканска земја”, и “никој нема право Македонија да ја третира како бугарска покраина”. Што можеа друго на направат непријателите на Македонија, освен да го убијат”, напишала Гени, која била една од врвните пијанисти и педагози во Бугарија.

Убиецот на Славчо Ковачев, само неколку месеци по убиството, отворил своја, приватна бижутерија во центарот на Софија. Истовремено, на мајка и на Бојка и била укината стипендијата. За среќа веднаш истите средства и ги обезбедила Еврејската заедница во Париз, и таа ги продолжила студиите. Професорот Алфред Корто ја препорачува кај неколку семејства за часови по пијано, така што заработува и дополнително. Тоа и овозможува во Франција да ја повлече и својата сестра Грета, која завршила стоматологија во Нанси.

За баба и Сија, Бојка се сеќавала дека е храбра и горда жена. Токму во тоа време таа подигнува кредит и сама ја довршува куќата пред која е убиен нејзиниот сопруг; потоа едниот кат го издава под кирија и со тие пари го отплаќа кредитот. Сија долго време чувала многу предмети, книги и ракописи на својот сопруг. Успеала да го спаси од власта, која упорно го барала, и неговиот ракопис “Политичкото верују на Македонците”, книга која заедно со “За Македонските работи” од Крсте Петков Мисирков, е камен-темелник во македонската национална историја.

‘Многу од предметите што се чуваа дома, подоцна беа дадени во музејот на револуционерното движење, што го организира македонската емиграција во Бугарија. По затворањето на Музејот, сите предмети и ракописи негде се однесени, меѓутоа никогаш не се дозна каде. Мајка ми го задржала за себе само часовникот на својот татко; не го дала во Музејот, иако и него и го барале. Подоцна тој часовник таа ми го даде мене, а јас му го дадов на мојот син. Иако тој џебен часовник на дедо ми е стар речиси сто година, уште беспрекорно работи. Син ми го носи и го чува со голема љубов и внимание, како реликвија. Тоа е се што ни остана од Славчо Ковачев, од нашиот славен дедо со кој се гордееме. Не знам дали во Македонија се знае нешто за него; жалосно е ако не се знае ништо. Овде уште им пречи. Душата ме боли што му ја искршија спомен-плочата, но што можат да направат грст бедници, наспроти сето она што тој го напишал и направил за Македонија. Останува дека уште пред 80 години запишал – македонска душа, македонска националност, македонска земја, македонски народ’, рекла професор Бојка Дудрова-Ковачева, внука на доктор Славчо Ковачев.

ПРАВНИ НАУКИ ВО ПАРИЗ, ДОКТОРАТ ВО БРИСЕЛ

Славчо Ковачев е роден на 5 јануари 1875 година во Скопје. Во Софија завршил гимназија и воено учили{те. Во 1895 година се вклучил во македонското револуционерно движење, а во 1903 година учествува во Илинденското востание како штипски војвода. Од 1904 до 1908 година студира Правни науки во Париз, а во 1911 година докторира во Брисел. Во 1919 година ја објавува својата книга “Автономна Македонија”, а од 1920 до 1922 година , го уредува и истоимениот весник. Во меѓувреме, во 1921 година, Славчо раководи со Македонката федеративна организација, а во 1923 година е избран и во раководството на Илинденската организација. Истата година бил избран и за член на Управниот одбор на Македонскиот научен институт. На 13 септември 1924 година е убиен пред својата куќа во Софија, по наредба на”садистот Михајлов”, како што вели Кирил Прличев ,синот на Григор Прличев.