Германските истражители тргнуваат од исламистички мотив зад нападот со автомобил во Минхен во кој вчера беа повредени 36 лица и за кој е осомничен Авганистанец, соопштено е денеска.
„Осомничениот призна дека намерно влетал со својот автомобил во луѓето. Откако го извршил чинот, извикал „Алаху Акбар“ и почнал да се моли на местото на нападот. Сите негови изјави укажуваат на исламистичка позадина на нападот“, изјави високиот државен обвинител Габриеле Тилман на прес-конференција во Минхен.
Таа објасни дека истрагата се уште е на почеток, но дека е можно да се зборува за исламистички мотив на сторителите. На неговиот мобилен телефон биле пронајдени и комуникации кои укажуваат на исламистичките погледи на светот на осомничениот, 24-годишниот Авганистанец Фархад Н.
Во моментов нема докази за каква било поврзаност со некоја исламистичка мрежа.
Државното правобранителство покрена обвинение за обид за убиство во 36 случаи против Авганистанец, чие барање за азил беше одбиено пред неколку години, но му беше дозволено да остане во Германија од хуманитарни причини.
Меѓу тешко повредените во синдикалната поворка во која влета осомничениот е и двегодишно дете. Според полицијата, Фархад Н. легално престојувал во Германија и работел во безбедносниот сектор.
Во моментов во Минхен се одржува безбедносна конференција, па со денови е зголемено полициското присуство, особено во центарот на градот каде се случи нападот. Вчерашниот напад дополнително ја засили дебатата за миграцијата за време на актуелната изборна кампања за предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 23 февруари.