Две илјади и деветнаесетта година им понуди на љубителите на спортот многу возбудливи моменти – триумфално враќање на ветерани, неверојатни пресврти, изненадувачки ликови.
Еве седум од најнезаборавните моменти во светот на спортот во изминатите 12 месеци.
Меган Рапино како гладијаторот Расел Кроу. Во пост #metoo ерата во која живееме, изгледа совршено одговара дека една од најнезаборавните спортски снимки за годината е на жена. Капитенката на американската репрезентација Меган Рапино со рашиени раце, отворени дланки, мала насмевка и самоуверен израз ги собра овациите на полните трибини на стадионот Лион, откако го отвори резултатот против Холандија во финалето на СП. За Рапино и нејзините соиграчки летото беше исполнето со емоции. Тимот беше критикуван затоа што не покажа милост кон тимот на Тајланд во победата од 13-0 и ги славеше бурно сите свои голови. Набргу потоа, Рапино се судри со американскиот претседател Доналд Трамп, разменувајќи остри пораки на Твитер. На крајот, сè помина добро – Американките ја одбранија својата светска титула, Рапино на крајот на годината ја освои „Златната топка“, а фотографијата од финалето со Холандија го обиколи целиот свет, споредена од фановиите на култниот кадар со Расел Кроу од филмот „Гладијатор“, кога херојот ги прашува гледачите на крвавите битки во колосеумот: „Не ви се допаѓа?“
Голема ноќ на „Енфилд“. Ретко се случува полуфиналето да го засени успехот во финалето на турнирот, но таков беше случајот во Лигата на шампионите оваа пролет. По поразот од 0-3 на „Ноу Камп“ во Барселона, Ливерпул се чинеше дека е осуден на пораз пред реваншот, но менаџерот Јирген Клоп и неговите пулени не мислеа така. На незаборавната вечер на „Енфилд“, тимот од Мерсисајд ги шокираше Каталонците со победа од 4-0 со два гола на Вајналдум и Ориги, за да остварат еден од најнезаборавните пресврти во историјата на Лигата на шампионите. Финалето беше далеку поскромно во однос на емоции – Ливерпул поведе против Тотенхем во првата минута од пенал и не му дозволи на својот противник да го загрози голот на Алисон за победа на натпреварот со 2:0 и да стане европски шампион по шести пат во својата историја.
Совршенството на Симон Бајлс. Освојувањето на светските титули веќе не изгледа како предизвик за генијалната американска гимнастичарка Симон Бајлс – оваа година во Штутгарт таа ги заокружи на 25, вклучувајќи пет во повеќебој. Дваесет и двегодишната Бајлс, која е висока само 1,42 метар, си постави задача повторно да ја напише историјата на гимнастиката. И тоа го стори на Американското првенство овој август, бидејќи надмина две нови тешкотии за земја и греда, што досега не било направено. Ова значи дека веќе има четири вежби во правилникот на гимнастиката, кои го носат името Бајлс. Минатата година, младата Американка изјави дека е една од многуте жртви на сексуален напад од поранешниот лекар на американскиот гимнастичарски тим – Лери Насар, кој беше осуден на повеќе од 300 години затвор. Надминување на оваа траума и нејзиното совршенство во салата со право ја направија Бајлс идол на милиони девојчиња низ светот, а на Олимписките игри во Токио следното лето таа ќе се обиде да го зацврсти своето име како најголема гимнастичарка во историјата на спортот.
Епската битка на Федерер и Ѓоковиќ. Со мало намигнување, можеме да кажеме дека Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ одговорија на еден вековен класичен парадокс: „Што ако незадржлива сила се судира со неподвижен предмет?“ Па, во финалето на Вимблдон преовлада неподвижен предмет. За 4 часа и 57 минути (најдолго финале во историјата), Федерер беше поагресивен, поинтензивен и – да бидеме искрени – подобриот тенисер на теренот. Четири часа и 58 минути по почетокот на натпреварот, Ѓоковиќ веќе ја вкусуваше светата трева на Централниот терен во „Ол Ингланд клубот“, како што тоа го правеше по секој триумф на „Вимблдон“. Статистиката на натпреварот само потенцира нешто што сите го знаеме долго време – Ѓоковиќ е психички најиздржливиот тенисер што некогаш сме го виделе. Федерер имаше две меч-топки на свој сервис, освои четири гема повеќе, 14 поени повеќе и реализира 40 винери повеќе од својот противник. А Ѓоковиќ ја освои својата петта титула од „Вимблдон“.
Враќањето на Тајгер. За многумина, еден од најголемите голфери на сите времиња Тајгер Вудс заврши со големиот голф по серија повреди и четири операции на грбот. Сепак, овие луѓе заборавија на најважниот квалитет на Тајгер, што го направи толку голем шампион – бескрајната желба за победа. На 14 април 2019 година, 11 години по неговиот последен голем триумф на голем турнир, 43-годишниот Американец направи одличен настап на последниот ден на Мастерсот, за да ја облече славната зелена јакна уште еднаш. За време на последните седум дупки, вкупно шест голфери го предводеа пласманот, но само еден ја издржа тензијата – Тајгер Вудс, кој го достигна својот 15-ти триумф. Снимката што следеше разнежни милиони гледачи низ целиот свет – Тајгер ги прегрна 10-годишниот син Чарли и 11-годишната ќерка Сем. Дваесет и две години порано, по неговиот прв успех на Мастерс турнир, Вудс потона во прегратките на својот татко Ерл, кој почина во 2006 година. „Оваа победа е неверојатна заради состојбата во која бев пред тоа. Не можев да спијам. Не можев да одам. Ништо не можев да направам. Да се вратам тука е несомнено една од најголемите победи во мојата кариера“, рече Тајгер.
Нема граници на човечките способности. Да истрчаш маратон за помалку од два часа. Да поминеш 42 километри и 195 метри за еден час, 59 минути и 40 секунди. Да трчаш со темпо од 2 минути и 50 секунди на километар за 42 километри (или 100 метри за 17,2 секунди – 422 пати по ред). Просечно лице може да помине од 300 до 400 метри со ова темпо. Но, 34-годишниот Елиуд Кипчоге ги промени претставите за тоа што може да постигне човечкото тело откако во октомври трчаше маратонска делница за помалку од два часа во очите пред повеќе од 120.000 гледачи во Виена. Да, Кипчоге користи пејсмејкери (и тоа некои од најдобрите тркачи на средни и долги дистанци во светот). Да, автомобил обележуваше со каква брзина мораше Кениецот да трча за да стигне до неговата дестинација. Да, неговото достигнување нема да биде наведено како светски рекорд. Но, ништо не може да го смени фактот дека тој го истрча маратонот за помалку од два часа. Тој го стори тоа за сите нас: „Сакам да ги инспирирам сите луѓе во светот и да запомнат – нема граници за човекот“.
Кралицата се збогува со стил. Немаше начин легендата на алпското скијање Линдзи Вон посоодветно да се повлеч од спортот. На Светското првенство во Оре, Шведска, 34-годишната Американка доживеа многу тежок пад во суперџи, ги пропушти сите нејзини тренинзи во спуст, а пет дена подоцна стигна до стартот да освои бронзен медал во нејзината последна трка од кариерата. Тоа беше осми медал од Светското првенство за кралицата на брзинските спортови, а еве уште неколку нејзини импресивни статистики: 19 сезони, 395 старта, 137 подиуми, 82 победи и 20 титули за Светски куп. Бројот на повреди во текот на годините е веројатно некаде помеѓу последните два броја. Најголемиот успех на Линдзи не само што ги стави жените скијачи на исто ниво со мажите, туку дури и ги прави попопуларни. За жал, многу повреди ја спречија да го оствари својот последен сон – да учествува на трка од Светскиот куп за мажи.