Сите земји-членки на ЕУ денеска се согласија Србија да го отвори кластерот 4 на Меѓувладината конференција со ЕУ на 14 декември, кој се однесува на Зелената агенда и одржливото поврзување, соопшти белградска Политика.
Согласноста Србија следната недела да ги отвори сите четири поглавја во рамки на кластерот 4 е постигнат во рамките на Работната група на Советот за проширување на ЕУ (COELA), а официјално ќе биде потврдена на состанокот на амбасадорите на ЕУ.
Во рамките на кластерот 4, Србија ќе отвори преговори за транспортната политика, енергетиката, трансевропските мрежи, како и поглавјето за животна средина и климатски промени.
Српската премиерка Ана Брнабиќ и министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ треба да присуствуваат на Меѓувладината конференција ЕУ-Србија, закажана за 14 декември во Брисел, каде ќе биде отворен Кластерот 4.