Во српскиот парламент стигнат е Предлог-закон за министерства, кој предвидува Владата на Србија да добие уште три нови ресори – Министерство за човекови и малцински права и социјален дијалог, Министерство за семејна грижа и демографија, како и Министерството за грижа на селата.
Покрај новите, Владата на Србија ќе ги има веќе познати министерства: финансии, економија, земјоделство, шумарство и водостопанство, заштита на животната средина, градежништво, транспорт и инфраструктура, рударство и енергетика, трговија, туризам и телекомуникации.
Во Владата ќе бидат и Министерството за правда, државната администрација и локалната самоуправа, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, за надворешни работи, Министерството за европски интеграции, како и министерствата за образование, здравство, млади и спорт, култура и информирање, за труд, вработување и социјални работи.
Предлог-законот го потпишаа 167 пратеници од пратеничката група „Александар Вучиќ за нашите деца“ на Српска напредна партија (СНС).
Собранието за нацрт-законот ќе расправа по итна постапка во сабота, на 24 октомври, за да може да се избере новата Влада, што е најавено за среда, на 28 октомври 2020 година.
Составот на новата Влада на Србија, треба да биде познат по седница на претседателството СНС, која како што е најавено ќе се одржи во недела на 25 октомври.
Манадатар за составот на новата влада е досегашната премиерка Ана Брнабиќ, а вчера, досегашнито шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ беше изгласан за претседател на највисокиот законодавен дом на Србија.