Борбата против Делта сојот на коронавирусот е сурова и очекуваме во наредните недели тој да ја покаже сета своја сила, а оваа недела се очекуваат и до 3.000 заболени, ако не и повеќе, изјави државниот секретар во Министерството на здравство на Србија, Мирсад Ѓерлек, јави дописникот на МИА од Белград.

– Здравствениот систем е подготвен, иако статистичките податоци покажуваат дека ситуацијата станува се посериозна и имаме се поголем број нови пациенти, изјави Ѓeрлек.

Според него, здравствениот систем ќе се обиде паралелно да одговори на овие две сериозни задачи. – Тоа е борба со Делта сојот на вирусот кој е крајно суров и очекуваме дека ќе ја покаже својата најголема сила во следните две или три недели. Но, ние ќе им овозможиме на пациентите кои не се Ковид позитивни да добијат соодветна здравствена заштита, рече Ѓерлек, соопшти Н1.

Третата задача, на која треба да се работи, како што рече, е да се зголеми бројот на вакцинирани граѓани.

Тој наведе дека темпото на вакцинација е екстремно бавно, додавајќи дека е „тажно да се видат млади невакцинирани лица на респиратори“.

Ѓерлек посочи дека Србија, со околу 52 отсто од вакцинираните, е далеку од колективен имунитет, со што е продолжен опстанокот на вирусот, кој сега мутира