Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска се сретна со амбасадорот на Руската Федерација во Белград, Боцан Харченко и го информираше за политичкото, правното и физичкото насилство што Приштина го применува врз Србите во Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
-Изразена е загриженост за безбедносната состојба на Косово и Метохија, која освен што го загрозува животот и опстанокот на Србите, придонесува и за подигање на тензиите во целиот регион, се наведува во соопштението од прес службата на српскиот претседател.
„Во таа насока, претседателот Вучиќ му рече на амбасадорот Боцан-Харченко дека смета дека е неопходно да се одржи специјална седница на Советот за безбедност на ОН, со цел целиот свет да биде информиран за тензичната ситуација на Косово и Метохија и тешката ситуација на Србите таму“.
Амбасадорот Боцан-Харченко истакна дека официјална Москва ги следи сите настани и ја разбира позицијата на Србија, како и сета деликатност на ситуацијата.
Претседателот Вучиќ и амбасадорот Боцан-Харченко разговараа и за односите меѓу Србија и Русија, билатералната соработка, како и глобалната ситуација.