Србија го потпиша Договорот за пријателство и соработка во Југоисточна Азија за време на 43-от самит на АСЕАН во Џакарта. Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави дека за Србија ова е исклучителен настан за подобрување на соработката со пријателските земји во Југоисточна Азија.

На свечена церемонија договорот го потпиша првиот вицепремиер и министер за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, кој има и низа билатерални средби во Џакарта.

Пред потпишувањето, Дачиќ рече дека му претставува голема чест што во име на Владата на Србија го потпишува инструментот за пријателство и соработка, пренесува РТС.

– За мојата земја, ова е исклучителен настан за подобрување на соработката со пријателските земји во Југоисточна Азија. Ви благодариме за помошта да го доведеме процесот на пристапување на Србија до посакуваната цел. Србија, како што знаете, е наследник на поранешна Југославија. Ние се гордееме со децениското пријателство и силните врски со земјите од Југоисточна Азија кои датираат од педесеттите години на минатиот век, од периодот на основање на Движењето на неврзаните, истакна Дачиќ.

Тој потсети и дека меѓу основачите биле Тито и поранешниот претседател на Индонезија, Сукарно.

„Ние споделуваме исклучително пријателски чувства кон Индонезија и другите членки на АСЕАН. Принципите до кои се придржувавме сите овие години се и принципите на АСЕАН. Заемно почитување на независноста, суверенитетот, еднаквоста, територијалниот интегритет, националниот идентитет, немешањето во внатрешниот односите на другите земји, решавањето на споровите со мирни средства. И затоа денеска со големо задоволство го потпишувам Инструментот за пријателство и соработка во Југоисточна Азија“, рече Дачиќ.

Поминаа цели 10 години од поднесувањето на првото официјално барање, а интересот за зајакнување на соработката со земјите членки на АСЕАН расте, информираат од српското МНР. Тие посочуваат дека пристапот отвора можности за подобар дијалог и економска соработка со азискиот блок, кој според прогнозите ќе биде четврта по големина економија во светот до 2030 година.

Во однос на војната во Украина, членките на АСЕАН имаат сличен став како Србија – ја осудуваат агресијата, но не воведуваат санкции кон Русија, пишува РТС. Шест од десет земји-членки не ја признаваат прогласената независност на Косово.

Покрај Србија, инструментот за пристапување денеска го потпишаа и Кувајт и Панама.