Сопственикот на српската фирма „Свислајон Таково“ Родољуб Драшковиќ донел одлука да почне со производство на кечап и мајонез во Македонија, по затварањето на производствениот погон во Невесиње, БиХ.
Како што изјави за Вечерни новости директорот на „Свислајон Требиње“ Александар Којовиќ, фабриката во Невесиње е затворена поради економски причини.
-Производството на сокови ќе го преселиме во Горни Милановац, а производството на кечап и мајонез во Македонија. Причините се чисто економски, односно главната причина за затворање на фабриката е нејзината финансиска неисплатливост. Имавме огромни транспортни трошоци, бидејќи суровините доаѓаа од Србија, а патната инфраструктура е лоша, изјави Којовиќ.
Тој посочи дека работењето на фабриката во Невесиње значително го оптовариле новововедените такси од Косово, каде што се продаваа повеќе од 15 проценти од производите.
Концернот „Свислајон Таково“ од Горни Милановац е стопански гигант во прехранбената индустрија во Србија во производството на еуро крем, бисквити, чоколади, детската храна Јувитана, кечап и мајонез, сокови и други производи.
Сопственикот Родољуб Драшковиќ поседува и неколку фабрики во регионот, меѓу кои е и Свислајон Агроплод од Ресен.