Српскиот министер за финансии Синиша Мали, претставувајќи го денеска пред пратениците во српското Собрание буџетот за 2019 година, изјави дека тој има „социјален аспект кој е поврзан со зголемување на животниот стандард, со зголемување на платтите и пензиите и со рекордни издвојувања за капитални инвестиции кои ќе го стимулираат натамошниот раст на БДП“.
– Со буџетот се предвидени вкупни приходи од 1.246,2 милијарди динари и расходи во износ од 1.269,1 милијарди динари, што го дава проектираниот дефицит од 22,9 милијарди динари, или 0,4 отсто од БДП. Проекцијата на буџетските приходи е конзервативна. Проектиран е реален раст на БДП од 3,5 отсто и просечна инфлација од 2,3 проценти”, истакна Мали.
Како што соопштија од Министерството за финансии, суштинска компонента на буџетот е зголемување на животниот стандард на граѓаните. Имено, фискалниот простор е рамномерно искористен и буџетот предвидува зголемување на пензиите и платите за околу 1,3 проценти од БДП. Друга важна компонента е олеснување на економијата, додека трета е новиот инвестициски циклус и повисоки издвојувања за јавните инвестиции.
Осврнувајќи се на инвестициската компонента на буџетот, Мали рече дека буџетот носи зголемување на средства наменети за капитални инвестиции, со што дури 30 отсто повеќе пари ќе бидат распределени за оваа намена.
Мали истакна дека буџетот вклучува и средства за продолжување на работите на обиколката околу Белград, завршување на патот Сурчин-Обреновац, изградба на автопатот Обреновац-Љиг, патот Прељина-Пожега, Моравскиот коридор, пари за Научно технолошкиот парк во Нови Сад, дигитални училници, изградба на Дата центар во Крагуевац, средства за изградба и опремување на здравствени установи.
Тој нагласи дека целта на фискалната политика во наредниот период ќе биде одржување на низок дефицит, дополнително намалување на јавниот долг, но и користење на фискалниот простор со цел да се поддржи економскиот раст.