Работната група на српското Министерство за здравство за постапување во услови на пандемијата на ковид донесе на денешната седница препораки за постапување на ниво на примарна здравствена заштита и болничките установи. Една од одлуките е задолжително носење заштитни маски во сите здравствени установи, соопшти Институтот за јавно здравје на Србија.
Исто така е наложено задолжително тестирање на ковид на сите вработени во здравствените установи кои имаат симптоми на акутна респираторна инфекција, како и нивна задолжителна контрола и тестирање по прележаната инфекција. На ниво на здравствени установи, тестирањето на пациентите е услов за хоспитализација, но и за прием на хематолошките и онколошките оддели.
Дополнително, тестирање е нужно за прием на одделот геријатрија и други оддели на кои се лекуваат пациенти со примарни или тешки имунодефициенции. Воведена е забрана за посета на болниците кои се во надлежност на Комисијата за превенција на болнички инфекции.
Комисиите за превенција на болничките инфекции во здравствените установи се должни во следните седум дена да направат проценка на епидемиолошката ситуација и да дадат предлог мерки, како и редовно да ја следат епидемиолошката ситуација. Што се однесува до сместувањето на хоспитализираните пациенти заболени од ковид, работната група зазеде став дека засега не е неопходно нивно дополнително проширување.