Драматичен политички раздор избувна во редовите на ДУИ откако Општинската организација на партијата во Сарај остро реагираше на одлуката на раководството да не го кандидира актуелниот градоначалник Илјаз Весели за нов мандат. Во јавна објава, од ДУИ-Сарај порачаа дека ова е „голема неправда“ кон најсилната партиска база и дека одлуката длабоко ги разочарала илјадници активисти и гласачи.
„Прости ни, претседателе! Ти беше најзаслужниот за еден полн четиригодишен мандат! Се скршија 10.000 срца. Почит Али Ахмети, но направи голема грешка со Сарај. Сарај, најсилната партиска организација во ДУИ, ги скрши срцата на сите активисти кои секогаш ви носеле победа“, стои во реакцијата, пренесе Газета.мк.
Незадоволството дополнително ескалирало со одлуката за кандидирање на Блерант Рамадани од редовите на Алијанса за Албанците, што во Сарај се доживува како наметнување на надворешен кадар и потценување на сопствените структури.
„Вистинскиот активист ќе зборува во октомври“, се вели на крајот од соопштението, со јасна најава дека одлуката би можела да има сериозни последици по резултатот на ДУИ во оваа клучна општина, пишува порталот.