Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари работна средба со амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Михаилис Рокас.
Разговорот беше посветен на реформските процеси во енергетскиот сектор, со посебен осврт на ажурирањето на законодавната рамка и подготовката на нови стратешки документи. Министерството информираше за реализираните и планираните активности во рамки на Реформската агенда, чија имплементација ќе продолжи со интензивно темпо.
Посебно внимание беше посветено на поддршката што Северна Македонија ја добива од Европската Унија преку ИПА III програмската рамка. Финансиската и техничка помош во висина од 5,2 милиони евра ќе биде насочена кон јакнење на институционалните и оперативните капацитети за водење ефективна енергетска политика и справување со климатските промени, како и кон подготовка на подзаконски акти, соработка со општините и анализа за спроведување на зелената транзиција.
„Европската Унија е стратешки партнер на нашата земја во процесот на енергетска трансформација. Поддршката што ја добиваме преку ИПА инструментите е од суштинско значење за да изградиме поефикасни институции, да го унапредиме законодавството и да обезбедиме одржлива и сигурна енергетска иднина за граѓаните,“ истакна министерката Божиновска.
Средбата потврди дека ЕУ останува клучен сојузник на Македонија во реализацијата на зелената енергетска транзиција и исполнувањето на климатските цели.