Претседателот на Владата на Република Македонија, Талат Џафери денеска во Брисел се сретна со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Премиерот Џафери е во прва работна посета на Брисел и ја предводи владината делегација составена од првиот заменик на претседателот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
На средбата се разговараше за процесот на пристапните преговори на земјава за членство во Европската Унија, случувањата во Северна Македонија во врска со одржувањето на претседателските и парламентарни избори, како и за тековните состојби во регионот.
Во таа насока, беше констатирано дека Македонија има постигнато голем напредок во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Премиерот Џафери истакна дека, Владата во следниот период ќе продолжи со истата динамика, посветеност и навременост, да ги спроведува сите процеси и обврски кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со Европската Унија, како и дека Владата ја подржува започнатата постапка за измена на Уставот, за што посветено ќе работат да се обезбеди потребното мнозинство.
Претседателот на Владата и се заблагодари на претседателката на ЕК, Фон дер Лајен за иницијативата – План за раст, за што беше посочено дека претставува конкретна понуда за забрзана интеграција на Регионот, што високо се цени од страна на Македонија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. му го честиташе изборот на Џафери за претседател на Владата и изрази уверување дека Владата и во иднина ќе продолжи со активностите за постигнување на потребните реформи од пристапните преговори, но и од реформската агенда од Планот за раст.