Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски синоќа се сретна со истакнати личности од Република Македонија, кои работат и живеат во САД.
На приемот кој се одржа во Македонскиот културен центар во Њујорк, присутни беа лица кои работат во Организацијата на Обединети Нации, како и наши истакнати професори уметници и претставници од бизнис заедницата.
Премиерот Ковачевски во поздравното обраќање истакна дека е огромна честа и задоволството да се биде заедно со наши луѓе во Њујорк.
„После подолго време затвореност на светот сега имаме повторно можност да се дружиме и поразговараме за повеќе актуелни теми.
Драго ми е што на едно место сме присутни различни луѓе од различни културни средини, сите со различни искуства и животни приказни. Тоа е она што е специфично за нас и дома и низ светот, различностите секогаш биле нашата јака страна и нешто што треба да го негуваме и развиваме.
Бидете горди на вашето потекло, Македонија е земја која има многу да понуди. Заедно со САД каде што вие работите и живеете и ЕУ, кои се наши стратешки партнери, стоиме обединети на вистинската страна”, рече Ковачевски.
Овој настан беше организиран во рамките на посетата на премиерот Ковачевски на САД и неговото учество на 77-то Генерално Собрание на ООН.