Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски денеска се сретна со членовите на Комисијата за одбрана и безбедност од Собранието.

На средбата присуствуваа членови и нивни заменици од власта и од опозицијата, пракса што според претседателот Пендаровски, треба да биде на сите состаноци и средби на кои се говори за безбедноста на државата.

-Јас сум претседател на сите, без разлика кој ме предложил или гласал за мене. На седницата на Советот за безбедност го поканив и лидерот на опозицијата. Така ќе правам и натаму, бидејќи одбраната и безбедноста на државата не се ничија лична работа, рече претседателот Пендаровски.

Тој, како што соопштија од неговиот Кабинет, позитивно ги оцени реформите во безбедносната сфера и го истакна фактот дека се поддржани и од власта и од опозицијата.

На средбата беа разменети мислења за актуелната состојба во Македонија во доменот на одбраната и безбедноста, како и за состојбата во регионот.

Претседателот Пендаровски ги информираше членовите на комисијата дека до сега 22 држави го завршија процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО, додека кај преостанатите седум земји-членки нема политички пречки процесот да се заокружи.

Во контекст на безбедноста во регионот, став на државниот врв, информираше претседателот, е дека промена на границите на Балканот е опасна идеја.

На средбата претседателот Пендаровски беше информиран за тековната работа на комисијата и за носењето на законите од безбедносната сфера. Членовите на комисијата позитивно ја оценија можноста за средба со претседателот на Македонија и ја нагласија неговата улога за надминување на поделбите во општеството. Претседателот Пендаровски посочи дека и во иднина редовно ќе се одржуваат заеднички координации и ќе има редовна комуникација со комисијата.