Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска остварила средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, во Тиват, Црна Гора, каде учествуваат на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.
Кабинетот на Сиљановска-Давкова информира дека на средбата било изразено задоволство од тековниот политички дијалог меѓу двете земји, како и од билатералната вклученост во различни регионални и мултилатерални иницијативи „што помага во постигнувањето на заедничката цел – јакнење на регионалните врски, градење на просперитетна иднина за граѓаните и унапредување на визијата за меѓусебно поврзан регион“.
-Претседателката Сиљановска-Давкова упати честитки до албанскиот претседател за успешното отворање на Кластерот 1 во преговорите за пристапување на Албанија во ЕУ и оцени дека тоа е значајно достигнување не само за Албанија, туку и за целиот регион и дека напредокот постигнат од секоја земја-кандидат од Западен Балкан позитивно влијае на заедничката регионална динамика, се наведува во соопштението.
Во тој контекст, претседателката Сиљановска-Давкова нагласила дека „остануваме силно посветени на нашиот сопствен пат кон ЕУ и продолжуваме да ги спроведуваме неопходните реформи, истовремено активно работејќи со нашите партнери од ЕУ на обезбедување одржлив и предвидлив аранжман со цел придвижување на процесот напред“.
-Соговорниците ја истакнаа и одличната соработка во рамките на НАТО, каде двете земји редовно се координираат и дејствуваат заедно за прашања од заеднички интерес, при што посочија дека партнерството во НАТО е клучен аспект на заедничката безбедност, наведува претседателскиот Кабинет за средбата на Сиљановска-Давкова и Бегај во Тиват, на која разговарале и за малцинските права во двете земји.