Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров,синоќа разговараа за нормализирање на билатералните односи, за време на нивната прва средба во Исланд, јави ДПА.
Блинкен во коменар пред средбата нагласи дека САД бараат „предвидлив, стабилен однос со Русија“, се наведува во белешка на Стејт департментот.
Но, пред состанокот што се одржа на маргините на министерскиот состанок на Арктичкиот совет во Рејкјавик, Блинкен, исто така, кажа и дека „не е тајна дека имаме свои разлики“.
„Кога станува збор за тие разлики“, кажа Бликен, американскиот претседател Џо Бајден на својот руски колега Владимир Путин му соопшти дека „доколку Русија дејствува агресивно против нас, нашите партнери, нашите сојузници, ние ќе одговориме“, додава ДПА.
И Лавров изјава дека двете земји „имаат многу разлики за проценката на меѓународната ситуација и нивните пристапи како таа треба да се реши“.
-Подготвени сме на маса да разговараме за сите прашања, со разбирање дека нашите дискусии ќе бидат искрени, со факти и со меѓусебно почитување, додаде шефот на руската дипломатија.
Се очекуваше двајцата први дипломати на САД и Русија да разговараат и за потенцијална средба меѓу Бајден и рускиот претседател Владимир Путин. Бајден предложи самит во трета земја, но засега не е јасно дали и кога таа ќе се оддржи. Има одредени најави дека до лидерска средба може да дојде во јуни во Швајцарија.
Други теми за разговорот меѓу Лавров и Блинкен беа ескалацијата во израелско-палестинскиот конфликт, нуклеарните програми на Северна Кореја и Иран и ситуацијата во Авганистан, пренсе ДПА.