До почетокот на март се очекуваат конкретни предлози за решавање на проблемот со пласманот на јаболко.
Дотогаш јаболкопроизводителите и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство интензивно ќе разговараат со цел да се изнајде начин како да се дизајнира поддршката во иднина.
– Во Ресен имаме претешка ситуација и сите јаболкопроизводители имаат проблем со пласманот. Јаболкото нема добар квалитет и поради тоа во моментот откупувачите не уценуваат и го откупуваат по многу ниска цена. Сега ние сме доведени во ситуација да бараме социјална поддршка од Владата и Министерството за земјоделство. Наидовме на разбирање од Министерството и се договоривме во следниот период да имаме интензивни разговори, изјави Менде Ивановски, претседател на работната група на јаболкопроизводителите по денешната средба во Скопје со претставници од Министерството за земјоделство.
Додаде дека ако не им се даде поддршка на јаболкопроизводителите преку мерките што ќе бидат дизајнирани од страна на Министерството, постои опасност да се напушти производиството на јаболко.
– Мора Министерството да изнајде начин како јаболкопроизводителите да останат во кондиција, рече Ивановски.
Од Министерството за земјоделство велат дека во моментот поради претседателските избори не се во можност да се менуваат годишните програми, но оти мора да се разгледаат можностите како во иднина да им се помогне на јаболкопроизводителите.
– Знаеме дека овоштарите се наоѓаат лоша состојба, причината е што има големо производство, а и странските пазари се соочуваат со вишоци. Затоа, се договоривме заеднички да направиме анализи како таа мерка да ја дизајнираме и таа да придонесе за амортизација на загубите и за решавање на пласманот. До 1 март ќе излеземе со заеднички предлози и мерката би се донела после претседателските избори, бидејќи сега сме ограничени за менување во годишната програма поради предизборниот период, изјави Трајан Димевски, шеф на Кабинетот на министерот за земјоделство.
Во однос на барањето на јаболкопроизводителите за исплата на основната субвенција за одржување на овошни насади до крајот на март и исплата на дополнителната субвенција од три денари од Програмата за 2018 до 30 јуни, од Министерството за земјоделство информираат дека на средбата директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николоче Бабовски посочил оти овие барања ќе бидат исполнети, бидејќи тие се врзани и со законските рокови за исплата.
Во моментот во магацините, според јаболкопроизводителите, има околу 60 илјади тони јаболки чиј квалитет се очекува да се намали со зголемување на температурите. Откупот е слаб и како што наведуваат јаболкопроизводителите, се откупува многу мала количина околу 200 тони јаболко на ден. Главно се извезува во Русија, Бугарија и Ирак.
Производителите на јаболко во неделата протестираа во Ресен барајќи решавање на проблемот со пласманот.