Кина и Германија мора да одиграат конструктивна улога во поддршката на мирот и унапредувањето на соработката, изјави кинескиот министер за надворешни работи Чјин Ган, кој учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20 во Индија.
– Кина е подготвена да продолжи со добрата динамика во билатералните врски со Германија и да го забрза обновувањето на размената и соработката на сите нивоа, рече Чјин на средбата во Њу Делхи со неговата германска колешка Аналена Бербок, се вели во соопштението објавено од кинеското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се наведува и дека на средбата Чјин ја нагласил потребата „по политички патда се реши украинската криза и да се создадат избалансирани, ефективни и одржливи рамки за обезбедување безбедност во Европа“. Тој, исто така, ја истакнал „објективната и правична позиција на Кина за украинската криза“ и додаде дека Кина ќе се залага за унапредување на мировниот дијалог.
Бербок, пак, истакна дека ставовите за војната меѓу земјите од Г-20 се различни. – Сепак, она што не обединува е тоа што нема ниту едно место во светот каде руската војна има позитивни последици, рече таа. Според неа, тоа важи и за самата Русија, а доказ за тоа е тоа што илјадници луѓе ја напуштаат земјата.
Бербок, исто како и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, изрази загриженост поради тоа што Русија го замрзна своето учество во Договорот за контрола на нуклеарното оружје Нов СТАРТ. Таа го повика рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да го продолжи дијалогот со САД и да продолжи со целосно спроведување на договорот.
Министерката го искористи тоа што седеше директно спроти Лавров за да го повика да ја прекине војната во Украина. „Господине Лавров, запрете ја оваа војна! Престанете да го нарушувате нашиот меѓународен поредок! – Патот кон мирот е кристално јасен: ако Русија ги повлече своите трупи денес, нема да има повеќе војна, додаде Бербок.
Лавров ѝ одговори дека е лицемерно Западот да ја критикува Русија, бидејќи тој со години „напомпува оружје во Украина“. Воените операции на САД во минатото не предизвикаа таков бес, додаде тој.