Убиен е познатиот бизнисмен Алексеј Петров. Тој е смртно застрелан денеска околу 12:20 часот по локално време во софискиот кварт „Драгалевци“. Убиена е и неговата долгогодишна партнерка Ива Павлова. Според првичните информации, двајцата биле застрелани со пушка, пишуваат бугарските медиуми.
Пукањето се случило во шумска област во близина на патеката каде често пешачел. Во моментов се врши увид, се утврдува видот на оружјето, бројот на испукани истрели и сл.
Патот кон месноста „Драгалевци“ е блокиран од полицијата и создаден е сообраќаен метеж.
Полицијата го запира секој автомобил за темелна проверка. Засилено полициско присуство има на излезите од Софија.
Алексеј Петров е роден на 23 април 1962 година во Бабинци, Тетевен. Во 1981 година завршил милициско средно училиште во Пазарџик. Работел 8 години во безбедносните сили и во антитерористичките сили до почетокот на 90-тите години.
На 15 август 2002 година, против него бил извршен неуспешен обид за атентат.
Во 2009 година од тогашниот министер за внатрешни работи Румен Петков бил прогласен за долгогодишен таен соработник на контраразузнавањето.
На 10.02.2010 година бил приведен и обвинет дека е водач на криминалната група „Октопод“, која се занимавала со рекет и изнуда. Тој беше ставен во домашен притвор во октомври истата година, а обвиненијата беа сведени на рекет и изнуда против 2 лица од 1998 и 2000 година.