По средбата со Зоран Заев, претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи рече дека за разлика од министерката Мила Царовска, тој имал волја за изнаоѓање на решение.
Тој спомна дека е можно да се бара компромис прифатлив за двете страни, матурантите и МОН.
-Ќе се трудиме како средношколци до крајот на февруари да најдеме одлука со што ќе ја завршиме цела оваа дискусија во јавноста за државната матура. Ние дискутиравме што се можните компромисни решенија, ако не се изгласаат измените на Законот во Собранието. Дискутиравме и ова го имаме кажано во јавноста, ние можеме да направиме комбинација дали да имаме укинување на еден интерен или еден екстерен испит за да се намали бројот на предметите. Исто така, за што зборевме, а е многу важно, тоа се скратените програми. Моментално само четири предмети имаат скратени програми за испитите на државната матура. Тоа се „македонски јазик“, „хемија“, „физика“ и „географија“. Ние сакаме целиот материјал што е изучуван во време на пандемија, од март 2020 до крајот на оваа учебна година да се скрати за да имаме фер одржување на државната матура, рече Ходаи.
Дека е можен компромис потврдуваат и од Владата од каде велат дека премиерот Заев изразил поддршка на младите средношколци и истаклан оти Владата е отворена низ дијалог да разговара за изнаоѓање на заедничко компромисно решение кое е во полза на матурантите со цел нивно квалтетно образование и во средното и понатаму во високото образование.
–Како одговорна Влада инвестираме во младите луѓе и водиме грижа за квалитетно образование и понатамошен напредок. Свесни сме дека во време на корона кризата е потребно да излеземе во пресрет и низ дијалог да изнајдеме компромисни решенија, истакнал Заев на средбата, соопштуваат од Владата.
Ставот на МОН е јасен, промена на моделот за полагање на државна матура не може да има среде учебна година. Но, министерката Царовска неколку пати досега најави дека е можна негова промена, но од следната година.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ до Собранието поднесе предлог-измени на Законот за средно образование со кои во услови на криза, односно оваа и евентуално следната година, матурантите би полагале два предмети за државна матура. Матурантите тврдат дека имаат поддршка од 70 пратеници за изгласување на овие измени, но засега не се знае дали пратениците од ДУИ ќе ги поддржат измените. Тие се обврзаа преку своите претставници во Владата ова прашање да го наметнат на некоја владина седница.
Клубот за младински прашања и политики при Собранието иницираше јавна расправа на оваа тема за в четврток. Засега расправата не е закажана и за тоа информација би имало во текот на утрешниот ден. Во овој Клуб членуваат 12 млади пратеници, но не се знае дали сите тие ќе ги поддржат предлог-измените.
Доколку не се најде решение за барањата на матурантите до крајот на месецот тие најавија дека ќе постават камп пред зградата на Министерството за образование.