Лидерот на опозицискиот Сојуз за Србија (СЗС), Драган Ѓилас за в сабота најави нов протест на опозицијата во Белград под мотото „Ајде да се преброиме“.

Како што јави МИА од Белград, на завршната Конвенција на СЗС во Лучани, Ѓилас изјави дека в сабота повторно ќе „шетаат повеќе илјади луѓе“, додавајќи дека 90 дена по создавањето, Сојузот за Србија организирал протест со „15 до 20.000 луѓе“.

– Може претседателот на Србија, Александар Вучиќ да каже што сака дека биле две-три илјади, ние кои бевме таму и ја знаеме математиката за второ одделение лесно можеме да пресметаме колку луѓе беа на протестите пред три дена, изјави Ѓилас.

Претседателот на Демократската партија  (ДС), Зоран Лутовац на Конвенцијата го критикуваше известувањето на РТС од протестот „Стоп на крвавите кошули”, што се одржа во саботата во Белград, посочувајќе дека телевизијата не сакала да им го прикаже на луѓето „она што се случувало под нивните прозорци“.

– Во Белград на режимските медиуми не нарекоа „грст луѓе”, а јас им порачувам – тој грст брзо може да се претвори во тупаница од бес, порача Лутовац.

Демократската партија на Србија (ДСС) денеска порачаа дека и таа ќе се приклучат на протестите на опозицијата најавени за в сабота.

Инаку во Србија во тек е полемика меѓу јавните личности и новинарските здруженија за непрофесионалното известувањето од саботните протести во Белград, особено за извештаите на ТВ Студио Б.

– Денешното Студио Б е имитација на “ТВ Бастиља” на Слободан Милошевиќ, со брутално лажење, етикерирање на неподобните, претварање на новинарските извештаи во лични кометари, новинари како политички комесари, претварање на телевизијата во гласило на партијата, оцени познатиот новинар Зоран Кесиќ, кој порано работеше во оваа телевизија.

Новинарката на Студио Б, Барабара Животиќ известувајќи од протестите во Белград, информираше дека „се собрале далеку помал број на луѓе од очекуваното“ и „секако дека имало некој инцидент“, како и да „тоа се очекувало на ваков протест, каде организторите повикуваат на линч, силување, насилство, државен удар…“, окаректеризирајќи го протестот како лицемерен поради состојбата со Косово.

Поради жестоката реакција од критики и закани на социјалните мрежи кон новинарката на Студио Б, Обвинителството за високо-технолошкиот криминал покрена постапка, а Здружението на новинарите на Србија (УНС) повика да се почитува Кодексот на новинарите и да се прави јасна разлика помеѓу факт и коментар.

Весникот „Данас“ објави дека од оваа телевизија се отпуштени десет вработени, а деновиве ќе се отпуштат уште 20 лица како „неподобни“.

Српскиот претседтел Александар Вуќиќ во реакцијата на саботните протести во Белград изјави дека „да се соберат и пет милони луѓе, нема да исполни ниту едно нивно барање“, притоа најостро осудувајќи ги нападите врз новинарката на Студио Б.