Српскиот министер за труд, вработување, ветерани и социјала Немања Старовиќ денеска ќе ја посети Македонија по повод одбележувањето на Брегалничкта битка од Втората балканска војна (1913), јави дописникот на МИА од Белград.
Министерот Старовиќ ќе ја предводи државната церемонија на полагање венци и одавања на највисоки државни и воени почести по повод 111-годишнината од Брегалничката битка на ридот Каленица во Штип, се наведува во соопштението на ресорното Министерство.
Старовиќ пред почетокот на одбележувањето на државната церемонија ќе положи венец во Спомен – костурницата посветена на Св. Стефан Дечански во Долно Караслари кај Велес.
Истиот ден, Старовиќ ќе ја предводи државната церемонија на положување венци во Спомен-криптата костурница посветена на српските војници загинати во Втората балканска војна во селото Цер.
Инаку, за волја на историската вистина, и Првата и Втората балканска војна се воделе меѓу соседите на Македонија кој да откине поголемо парче од нејзината територија. Овие војни се и братоубиствени за Македонија, бидејќи на спротивставени страни биле блиски роднини Македонци, брат против брат, син против татко… во зависност од тоа чија пропаганда била посилна и во чија униформа војувале Македонците. Во овие војни учествувале голем број Македонци, а од тоа добиле само распарчување на Македонија.