По завршување на меѓупартискиот дијалог меѓу власта и проевропската опозиција со европските посредници за подобрување на изборните услови, српската власт и европратениците излегоа пред јавноста задоволни со постигнатиот договор, за разлика од опозицијата која го отфрли документот за подобрување на изборните услови, јави дописникот на МИА од Белград.
Власта постигнаа договор со европратениците за формирање на тело за надзор на медиумите, како и промена на составот на Републичката изборна комисија, со учество на членови од опозијата.
-Ние прифативме се што бараа европратениците. Бевме многу конструктивни, изјави по состанокот спикерот на српското Собрание, кој го водеше меѓупартискиот дијалог.
„Усвоивме мерки за кои сметаме дека се изводливи и би можеле да помогнат да се создаде клима на доверба“, изјави Владимир Билчик, претставник на Европскиот парламент.
За разлика од нив лидерот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ, кажа дека „ова не е договор со опозицијата, ова е договор исклучиво меѓу власта и европратениците“.
-Не ни беше оставен простор да учествуваме во изработката на овој финален документ и не бевме консултирани за тоа, кажа тој.
„Партиите што не ги бојкотираа претходните избори очекувано се воодушевени од овој договор, но оние партии што ги бојкотираа не можеа да прифатат вакви козметички решенија, изјави Мирослав Алексиќ од Народната партија (НС) по завршување на меѓупартискиот дијалог.
Партијата на слободата и правдата (ССП), Движењето за промени, Движењето на слободни граѓани (ПСГ) и Демократската партија (ДС) одлучија да не учествуваат во продолжението на денешните разговори, и како што им рекоа на новинарите – власта ги отфрлила сите предлози во врска со изборите и застапеноста на опозицијата во медиумите.
Драган Ѓилас од ССП изјави дека документот што го понудиле европратениците е оценет како неприфатлив, бидејќи не нуди конкретни решенија или механизми.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во Истанбул коментирајќи го повлекувањето на овие партии од дијалогот, изјави дека членовите на ЕП кои посредуваат во меѓупартискиот дијалог, можат да видат „кој ги попречува тие процеси, а кој не сака компромис “.
Властите и европратениците изјавија вечерва дека јавноста наскоро ќе има увид во документот и додадоа дека се подготвени дополнително да се ангажираат доколку е потребно.