Домашните компании многу полесно може да ги продадат своите производи во Минхен или Штутгард, отколку во Бунарџик.
Во аптекарски промили може да се измери нивното учество во прометот на странските инвеститори во слободните економски зони. Како да постои железна завеса за влез на нашите фирми во странските директни инвестиции лоцирани во и надвор од зоните, соопшти денеска Сојузот на стопански комори (ССК).
Според Сојузот, се увезуваат една милијарда долари од одреден производ, а се извезуваат 1,3 милијарди долари. Толку е мала додадената вредност од локалната економија, што е безначајна. Практично, колку влегува, толку излегува.
ССК на прес-конференција ги изнезе податоците од последната анализа за 2018 година која покажува дека 59 отсто од анкетираните домашни компании немаат никаква соработка со странските инвеститори, ниту преземаат мерки за надминување на ваквата состојба. Само четири отсто се дел од вредносните синџири на фирмите од слободните економски зони, шест проценти обезбедуваат одреден тип услуга, 13 отсто имаат некаков вид соработка се изјасниле, а 18 отсто бараат можност за соработка. Вкупно 58 отсто од големите компании, пак, лани немале никаква соработка или само ги разгледувале можностите за соработка со компаниите од слободните зони. Процентот на компаниите кои не соработуваат или кои бараат можности за соработка се движи помеѓу 78-80 отсто.
Поради ваквите бројки, Сојузот на стопански комори најави дека ќе побара странските инвеститори да бидат законски обврзани, а не само стимулирани како досега, зависно од висината на субвенциите што ги добиваат тука, во своите производи да вградат одреден, соодветен процент наша суровина.
-Сите овие дефекти во однос на незаинтересираноста на меѓународните корпорации да купуваат повеќе македонски производи, генерално го лоцираме во еден многу битен аспект: кога се правени договорите за субвенционирање на странските директни инвестиции не е водено сметка да се врзе процентот на субвенции со процентот на купување локални производи. Ако постоел ваков механизам, странските инвеститори ќе беа далеку помотивирани и заинтересирани да градат локални добавувачки мрежи и да набавуваат стоки од локалниот пазар, истакна Трајан Ангелоски, член на Управноот одбор на ССК.
Според него, со одговорите дека македонските фирми не ги исполнуваат стандардите, странските инвеститори всушност ја префрлаат вината на друг за многу ниското ниво на соработка.
-Кога немате адекватен одговор на прашањето зошто не сте ги исполниле своите обврски, тогаш мора вината да ја префрлите на некој друг. Употребувате невешто најразлични изговори, дека, на пример, македонските компании не поседуваат сертификат. Од друга страна, колку да бидеме упорни за соработка кога не ни одговараат на електронска пошта или на обидите за телефонска комуникација, ниту, пак, не примаат ако отидеме лично кај нив. Од друга страна, дали ние како фирми сме добиле одредени барања, дописи, писма во кои тие ќе ги искажат нивните потреби? Не, рече Ангелоски.
Тој укажа и колку им е тешко на нашите фирми да дојдат до кредити за инвестирање. Порача банките да се охрабрат, да размислуваат пазарно и да ги насочат своите развојни проекции заедно со оние на бизнис заедницата.
-Секое инвестирање е поврзано со свеж капитал. Општо познат факт е дека пристапот до кредитни средства е на многу лошо ниво. Ако сакате да купите машина или опрема, 95 отсто од банките нема да ви ја прифатат машината како колатерала, туку ќе ви бараат стан или друга атрактивна недвижнина како гаранција. Ако ни требаат сто машини не може да имаме сто стана, подвлече Ангелоски кој не заборави да укаже и на проблемот со дефицитот на технички кадар, како и многу слабиот квалитет што излегува од универзитетите.
Презентирајќи го извештајот од анкетата, извршниот директор на ССК, Александар Зарков рече дека од оние четири отсто компании кои се дел од вредносните синџири на зоните, градежниот сектор учествува со шест, другите сектори со пет, а земјоделскиот сектор со три проценти.
-Сите видови дејности обезбедуваат логистика во опсег од најниските три отсто во земјоделството до највисоки девет проценти во туризмот. Текстилниот сектор е различен преку обезбедување друг вид соработка со високи 32 отсто. Одговорите на 77 отсто од испитаните компании кои се изјасниле дека немаат соработка и разгледуваат можности за соработка, се рангираат највисоко и се разликуваат од сектор до сектор, од 87 отсто во земјоделството, 83 во ИКТ, 79 во категоријата „други дејности од наведените”, 76 во градежништвото, 76 во туризмот, до 63 проценти во текстилот. Вкупно 58 отсто од големите компании лани немале никаква соработка или само ги разгледувале можностите за соработка со компаниите од слободните зони. Процентот на компаниите кои не соработуваат или кои бараат можности за соработка се движи помеѓу 78-80 отсто. Големите компании имаат највисок процент во вредносниот синџир на компаниите од слободните економски зони со 10 отсто, додека овој процент кај малите компании е максимално пет проценти. Големите компании исто така учествуваат со највисок процент на логистичка поддршка на компаниите од зоните со десет отсто, истакна Зарков.