Заедничка акција на приватниот и јавниот сектор за побрза замена на старите возила со нови електрични, итно справување со дивите депонии и промовирање на стандардот за пасивни куќи кај кои потрошувачката на енергија за греење се намалува за 90 проценти, се трите предлози на Сојузот на стопански комори на Македонија во насока на намалување на загадувањето на воздухот.
За разлика од европските држави каде се бележи пораст во продажбата на електрични возила, во Македонија од почетокот на 2018 година до октомври се купени само 48 електрични возила што е многу мала бројка.
– Бенефитот не е само во намалување на аерозагадувањето, туку има сериозна заштеда и во потрошувачката на гориво. Од лично искуство, заштедата во потрошувачката на гориво е околу 80 до 90 проценти што се реални пари кои не ги даваме за гориво. Возилата не се многу скапи и цената на едно такво возило би била приближно на цената на дизел возило со исти перформанси. Значи, не е потребно многу повеќе пари да се вложат, а имаме заштеда, бенефиции и сме општествено одговорни, истакна денеска на прес-конференција Александар Милошевски, потпретседател на ССК.
Причините за малата продажба и употреба на овој тип автомобили, според ССК, се цените на овие автомобили, но и недоволно развиената инфраструктура и инсталирани полначи.
Покрај субвенционирањето што Владата го најави за купување на вакви автомобили, од ССК предлагаат да се субвенционира и купувањето на батерии и делови за овие возила, како и да се разгледа можноста за бесплатни патарини и паркинзи и ослободување од царинските давачки при увозот на вакви автомобили.
Во однос на дивите депонии, ССК предлага да се користат новите технологии од типот дронови и да се снима теренот за полесно откривање и справување со овој проблем.