ЗА ФУНКЦИОНЕРИТЕ ДА ПАЗАРАТ, ГАЗДИТЕ ДА СЕ БОГАТАТ, ВЛАДАТА НЕЗАКОНСКИ ПРЕПОРАЧУВА ДА СЕ РАБОТИ ВО НЕДЕЛА И НА ПРАЗНИК, порачува ССМ и додава:
Владата уште еднаш покажа дека законите во Македонија најгрубо се погазуваат, не се почитуваат и се изигруваат, токму од самата Влада сметајќи дека како колектив немаат одговорност по член 166 од Кривичниот законик кој предвидува дека ,,Тој што свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор, за засновање или престанок на работниот однос, за платата и надоместоците на платата, работно време, одморот или отсуството, заштитата на жената, младината и инвалидите или за забрана на прекувремената или ноќната работа и со тоа повреди, одземе или ограничи право што на работникот му припаѓа, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година”.
Ги потсетуваме Владата и работодавачите дека ПРЕПОРАКА НЕ Е ЗАКОН, а дека со ваквите постапки го покажуваат своето вистинско лице, дека не ги почитуваат работничките права дека не ги почитуваат работниците и дека најважен им е личниот интерес и нивното богатење на грбот на трудот на работникот.
Неразумно е, затоа што имате премногу зголемени плати за 78% кои неможете да стигнете да ги дотрошите во тековниот месец, цел сектор трговија со обична препорака, да го терате незаконски да работи во недела и на празник за Вие да пазарите!
Нагласуваме дека Одлука, а особено некаква препорака на Влада не е над законите, па од тука не само што Владата го прекршува Законот, ги поттикнува и работодавачите да го сторат истото.
Бараме веднаш да се повлече незаконската и несериозна Одлука на Владата за некаква препорака која нема никаква правна сила и која е на ниво на препорака, или само лична желба на неколку министри, а е на штета на целокупното општество !