Наместо просечната, основица за пресметка на функционерските плати да биде ланската минимална плата, бара Сојузот на синдикати. Со тоа, наместо над 30 илјади денари, функционерите ќе имаат основица од 18 илјади. Ако овој предлог биде прифатен, нивните плати ќе бидат до 2 илјади денари пониски од мартовските, односно уште пред да добијат 78% зголемување.
„Апелираме до Владата, да не бара изговори за процесот со намалување на функционерските плати, туку да го примени веќе воспоставениот принцип како кога носи закони на штета на работниците и со злоупотреба на европското знаменце, без широки консултации, без дијалог и без да се грижат за Одлуките на Уставниот суд како што тоа го направија за воведување на 72 часовната работна недела. Работниците живеат од плата без право на храна и превоз, а добро е што конечно функционерите како Министерот за надворешни работи разбраа дека треба да се живее од плата, но нивните плати се колку 6 минимални плати, а имаат право на службени возила, обезбедување, ручеци, трошоци и други бенифиции“
Премиерот застана на страната на Османи, кој вчера рече дека му е важно колкава плата ќе добива оти живее само од неа.
„Јас во човек што работи без плата, не верувам. Имам 25 годишно работно искуство и не верувам дека некој ќе работи без плата. Кога ќе биде подготвено решението од страна на работната група тогаш ќе може да разговараме со конкретното решение кое ќе треба да биде прифатено од пратениците и од сите големи групи избрани и именувани функционери“ – Димитар Ковачевски, премиер
Бектеши, пак, нема против ако месечните примања му бидат скратени.
„Ако работната група одлучи некакво решение, намалување или замрзнување од моја страна ќе биде целосно поддржано како член на Владата. Платата е значајна за секој што работи. И во јавниот и во приватниот сектор. Моите лични приходи се во анкетниот лист и веќе се објавени и сите ги знаат“ – Крешник Бектеши, министер за економија
Но, во неговиот анкетен лист најголемиот дел од имотот е пријавен на неговите родители. На свое име запишал една куќа во Приштина, градежно земјиште во Кичево, две моторни возила и трансакциска сметка со 30 илјади евра за кои не кажал како ги стекнал.
Над илјада функционери ја трошат шестата плата покачена за 78%, а јавноста никогаш официјално не ги дозна точните плати на премиерот и министрите. Иако на сајтот на владата стои дека висината на платите е јавен податок, се уште стојат старите списоци кои датираат од 2020 година.