Најдоцна до крајот на месецов на вработените задолжително мора да им се исплати регрес за годишен одмор, односно К-15, кој изнесува од 12.740 до 35.000 денари.
Фирмите кои нема да го исплатат ќе се соочат со високи казни, алармира Сојузот на синдикатите на Македонија. Од таму велат дека новина е тоа што и а административците ќе добијат К-15 за 2020 и 2022 година.
Досегашните искуства покажуваат дека исплатата на К-15 во многу сектори не оди мазно, зашто дел од газдите со грубо заобиколување на правилата, им исплаќале на работниците од 100 денари до без малку 13.000 денари. Најчестата злоупотреба се прави со префрлање на парите на трансакциската сметка, но со „тивко договорена“ обврска работникот да му ги врати парите на газдата во кеш.
Сетоа ова експресно било пријавено, а казните за злоупотреба изнесуваат од 2.000, 3.000 до 4.000 за компанијата, но и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице. Во Одделот за работни односи на Граѓанскиот суд до сега биле поднесени блзу 4.000 тужби, со основ надоместоци.
Законот за работни односи предвидува право на регрес за годишен одмор за сите вработени кои имаат остварено најмалку 6 месеци непрекинат работен стаж во тековната година, без разлика дали вработениот е пријавен на неопределено, или определено време. К-15 се исплаќа до крајот на годината, односно до 31.12, а неговиот минимален износ треба да изнесува најмалку 40% од просечната нето плата по вработен исплатена во последните три месеци. Годинава таа сума треба да биде 12.740 денари.